Безбедноста нема граници, заканите се транснационални – Тошковски: Светот се соочува со посложени опасности

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се наоѓаме во клучен момент од нашата историја кога безбедносните предизвици повеќе не се ограничени само на традиционалните закани како што е организираниот криминал, трговијата со дрога и корупцијата, туку се преплетуваат со нови и се посложени опасности. Како полицајци и професионалци имаме заедничка мисија да му служиме на народот и да ја штитиме државата, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на отворањето на ретренинг Конференција на европскиот огранок од Асоцијацијата на националната Академија на Сојузното биро за истраги (ФБИ).

„Денес сме сведоци на појава на сајбер закани и сајбер војувања, злоупотреба на технологија, традиционален екстремизам и претворање на дезинформациите во оружје што ја менува природата на безбедносната средина што ја работиме. Оваа реалност не бара од нас само будност и реактивност, туку визија и подготвеност да ги преиспитаме старите модели, да прифатиме иновации и да создадеме подлабока и поквалитетна меѓународна соработка“, порача Панче Тошковски.

Сите ние доаѓаме од различни краишта, но нашата мисија е иста – безбедноста нема граници, заканите се транснационални, а одговорот мора да биде заеднички- рече министерот.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев со порака:„Нашата заедничка битка е сериозна – да ги фатиме лошите момци, оние кои не ги почитуваат законите, туку единствено имаат цел да остварат профит“.

Вилијам Габон, претседател на Асоцијацијата на националната Академија на ФБИ рече дека овој  собир е посветен на поврзување со професионалци кои размислуваат слично во Европа и светот.

„Скопје е историски град кој што се наоѓа на крстосница и каде историјата шепоти од неговите камења а иднината зависи од оние што се посветени на правдата, соработката и најважно пријателството“, вели Вилијам Габон.

Заменик-амбасадорката на САД во земјава Никол Варнс, потенцираше дека заедно имаме уште работа во обезбдување на границите, борба против организираниот криминал, тероризмот, спречување на кибер нападите. Криминалот не застанува на границите и затоа нема да застанеме и ние, порача таа.