Бидермаерот дезинфициран и доделен на лотарија – какви ќе бидат новите правила за работа?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кафеанџиите со неформален предлог-правилник за начинот на работа во угостителските објекти, кој ќе треба да го одобрат и да го испратат до Влада.

Според предлог-правилникот дезинфекцијата ќе биде задолжителна при влез во локалот, а нарачките ќе се земаат на растојание од еден метар.

Ограничено движење само во просторот на нивната маса и до тоалетите ќе имаат гостите, а во однос на масите, се предвидува растојание од еден и пол метар на стол до стол на соседната маса во сите правци.

Бројот на лица ќе се ограничи според димензиите на масата.

„Бројот на лица на една маса со димензии не помала од 60 х 60 см не смее да изнесува повеќе од четири лица. Во случај масите да се со помала димензија ќе треба да се спојат две за четири лица. За група од 5 до 10 лица може да се седнат само во случај кога има услови за растојание од 1,5 метри помеѓу секого индивидуално“, се вели во неформалниот предлог-правилник.

Задолжително на секоја од масите ќе треба да има средства за дезинфекција, но и уште на минимум две места, како и на влезот во тоалетите.

Помошниот персонал, келнерите и шанкерите ќе мора да носат визири за време на својата смена со цел да се заштитат себеси од контактите со гостите. Келнерите нема да смеат да се ракуваат со гостите, а шанкерите да носат ракавици во текот на работното време.

Угостителите предвидуваат пред секое седнување на нови гости масата да биде дезинфицирана.

Според овој предлог-правилникот нема да има поздравување со физички контакт при пристигнување и заминување на гостите, а ќе им се врши и дезинфекција на рацете на секој половина час од страна на келнерите под надзор на одговорното лице.

Орото ќе се игра во кордони.

„Просторот за играње да се ограничи (кордони и слично) и да има еден влез и излез. Секој гостин кој ќе излезе од тој простор да изврши дезинфекција на рацете. Невестинската торта ќе се подели без гостите да се соберат на главната маса, а бидермаерот да биде дезинфициран и да се додели по принцип на лотарија, односно со влечење број. Истиот принцип за играње, во кордони би требало да се спроведе и во ноќните клубови и дискотеките, со таа разлика што подиумот за играње ќе треба да биде мапиран за полесно држење растојание“, се додава во предлог-правилникот.