Фатмир Битиќи, советникот на премиерот за економија, денеска ги изнесе придобивките од третиот пакет економски мерки, кои беа соопштени вчера од страна на премиерот Оливер Спасовски.
„Третиот пакет економски мерки кој Владата го усвои, има за цел заживување на домашните економски дејности, да ги трансформира и модернизира за да се создадат услови за динамичен раст и нова развојна македонска економија.
Станува збор за директна финансиска поддршка за зголемување на потрошувачката, директна поддршка на стопанството, земјоделството и туризмот, како и награда за најизложените здравствени работници во знак на благодарност за нивната работа.
Ефектите од овој пакет економски мерки се повеќе димензионални, па така резултатите кои ќе се постигнат со нив ќе значат и системски решенија:
● Ќе се поттикне приватната потрошувачка
● Ќе се зголеми конкурентноста на нашите компании на домашно и регионално ниво
● Ќе се трансформира и унапреди дел од економијата со воведување на ИТ и друга технологија во нивното работење
● Ќе се формализира дел од неформалната економија
● Ќе се зголеми употребата на безготовинските плаќања како инструмент за сузбивање на сива економија
● Ќе се овозможи модернизација и дигитализација на услугите и процесите
Ефектите од овој нов пакет економски мерки се на сите нивоа, ќе ги осетат сите граѓани и многу ресори во економијата. Ние сме социјална држава и солидарно општество и затоа во мерките може да се пронајде секој – зашто секој треба и секој ќе добие поддршка.
Токму затоа, со првиот столб од третиот сет мерки преку издавање на платежни картички за граѓаните, поттикнуваме поголема потрошувачка и развој на домашните економски дејности, даваме директна финансиска поддршка за граѓаните, која пак ќе ја стимулира домашната економија.
Преку воведување на платежни картички вредни 9.000 денари за околу 100 илјади граѓани ја стимулираме понудата на домашни производи и услуги со директна парична поддршка од државата, преку потрошувачката на граѓаните.
Корисници на платежната картичка може да бидат невработени лица, баратели на работа кои немаат над 15.000 денари месечни приходи, како и примателите на гарантирана минимална помош. Вредноста на оваа мерка е 16 милиони евра.“, рече Битиќи.
