Битката за градоначалник на Скопје ќе се бие во втор круг – Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Битката за избор на градоначалник на Скопје ќе се бие во вториот круг од локалните избори. На 2-ри ноември Скопјани ќе го избираат новиот градоначалник помеѓу Орце Ѓорѓиевски од Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ.

„Не сум фокусиран на противниците, затоа што сметам дека и противник немаме. Јас сум фокусиран на народот, што повеќе раце да стиснам во вториот круг, што повеќе граѓани да сретнам, што повеќе граѓани да им ја објаснам мојата визија за во наредните четири години. И засукани ракави, од денеска немам машна, малце поагресивно на терен и се спремаме за она што значи средување на хаосот во градот Скопје.“, изјави Орце Ѓорѓиевски.

Ѓеорѓиевски кажа дека веднаш излегува на терен и ќе подаде рака на сите кандидати и политички структури кои не влегоа во вториот круг. Не прецизираше дали очекува поддршка од СДСМ и НАИ. Рече дека нема анализа за резултатите, но изненадување била помалата излезност на граѓаните.

За Мециновиќ пак резултатите од првиот круг се поради тоа што илјадници луѓе во Скопје се охрабриле да застанат на страна на промената.

„Денеска не само што Левица влезе во вториот круг за овие локални избори, туку денеска се разбуди Скопје. Денеска граѓаните на Скопје покажаа храброст дека тие се спремни да изберат поинаку. Денеска Левица испиша историја затоа што прв пат во историјата на Република Македонија, во главниот град имаме кандидат кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и СДС.“, изјави Мециновиќ.

Мециновиќ вети позитивна кампања како и до сега и кажа дека во второто полувреме ќе ја победат како што рече онаа визија која 30 години ги крои судбините. Мециновиќ ги повика неопределените да им се придружат.
Според ДИК и 100% од обработените податоци во убедливо водство е Орце Ѓорѓиевски со 39%, по него следува Амар Мециновиќ со 13%, а веднаш зад него Башким Бакиу, а на четвртата позиција заврши Каја Шукова.

45 бројниот градски совет ќе го сочинуваат 18 советници од ВМРО-ДПМНЕ, по 6 советници ќе имаат Вреди, НАИ и Левица, а СДСМ ќе има пет. По еден советник ќе имаат ЗНАМ, коалицијата Искуство за успех и независните Јана Белчева Андрееска и Марјан Калевски.