Битката за повисоки плати од идната среда се сели на улица. Сојузот на синдикатите на Македонија ги повика работниците масовно да излезат на протести. Бараат минимална плата од 600 евра и зголемување на сите останати плати. Велат мизерно е функционерските плати од февруари да се зголемат за 10 проценти или од 200 до 300 евра, а работниците од март да добијат 25 евра колку што е законското усогласување, во услови кога македонските плати се на дното во регионот и Европа. Протестот ќе започне на 28 јануари во 17 часот пред зградата на ССМ, ќе продолжи пред Собранието,Стопанската комора и ќе заврши пред Владата.
„Да им кажеме дека доста е и дека претераа. И дека тоа што им го прават на работниците и дека душата им ја вадат за да возат еден џип повеќе и да имаат еден стан повеќе и една вила повеќе веќе е нечовечки. И ќе завршиме пред владата. Истата Влада која година и пол ги изми рацете од работниците. Истата Влада која им кажа на работниците да седнат и да си се договорат а таа ќе го поддржи таквиот договор. Истата влада која ги напаѓа работниците изминатата година само за да не им ги зголеми работничките плати“, порача Слободан Трендафилов.
Власта одбива да ја зголеми минималната плата во време кога прагот на сиромаштијата во Македонија е 31.200 денари, а 33 отсто од 540,000 работници живеат со плата под прагот на сиромаштијата – одат на работа, а се сиромашни- рече Трендафилов. Рече дека протестот е само првиот чекор. Доколку се нема слух за нивните барање не се исклучува и генерален штрајк во јавниот и приватниот сектор.
„Продолжуваме со таргетирани блокади на одредени институции, на одредени локаци за да се почувствуваат и тие како ние. Не блокираат цела година, ќе ги блокираме и нив и потоа продолжуваме со генерален штрајк во целиот јавен и приватен сектор. И во Македонија, како што најчесто милуваат да ни кажат, синдикатите ќе ги повикаат сите работници да им се придружат на 24-часовен генерален штрајк. Секој ќе биде заштитен од отказ. Секој ќе има можност тој ден да не работи. Секој ќе има можност тој ден да биде на улица. Секој сам ќе бира дали ќе протестира“, вели Слободан Трендафиловски.
А, најави и собирање на 10.000 потписи со што ќе бидат овластен предлагач на закони и ќе побараат намалување на функционерските плати за 78 проценти и зголемување на работничките плати за 600 евра минимална плата и за разликата од зголемување на сите останати плати. Трендафилов побара поддршката од сите работници. Рече дека со седењето дома се поддржува политиката на ниски плати, мизерни примања и тежок работнички живот- додека трошоците растат. За еден месец речиси за 1.000 денари пораснала синдикалната минимална кошничка. На едно четричлено домаќинство во јануари му биле потребни 66.413 денари за да го преживее месецот.
