Ценовен рекорд на биткоинот од 125.000 долари. Според Сашо Дракуловски од ВЕГА Фондови ова е поттикнато од три главни двигатели. Тоа се: силни приливи од берзанските ЕТФ – фондови кои директно купуваат биткоин за своите портфолија, поголема регулаторна извесност во ЕУ и САД што го намалува перцепираниот ризик како и вклучување на конзервативни европски банки кои почнуваат да ја нудат услугата за купување/продажба, а и самите тргуваат со криптовалути. Токму оваа комбинација создава пораст на побарувачката и ја турка цената кон историски врвови.
„Тоа се должи пред се на поголемите вложувања во самите ЕТФ фондови. Ин фло на парични средства има поголем во овој последен период. И на тој начин се креира поголема побарувачка за купување биткоините.“, вели Сашо Дракуловски.
Ова е една од главните причини бидејќи има поголема побарувачка која го диктира растот. Но, исто така самата регулаторна рамка во Европа и во Америка полека се става во колосек и веќе точно се знаат правилата и тоа влева сигурност на самиот пазар за купување криптовалути, посебно биткоин. Поради ова и физичките лица, граѓаните се повеќе се сигурни и вложуваат во биткоин. Исто така и големи светски и европски банки, кои што до сега беа конзервативни, почнаа да купуваат биткоини.
Дракуловски очекува во иднина условно позитивен сценарио околу криптовалутите. Ако нема геополитички шокови, очекува дополнителен раст до крајот на годината, засилен од нови ЕТФ фондови што би додале уште поголема ликвидност и би влијаеле на страна на побарувачката. Но, потсетува и на висока волатилност на цените на криптовалутите и нивна зависност од политички одлуки, па затоа цената може да се сврти и „преку ноќ“ ако има рестрикции.
„Доколку политичката ситуација е стабилна, доколку немаме некои големи тектонски пореметувања, јас очекувам дека биткоинот може да порасне уште некои 15% до крај на оваа година, и пред поради фактот што има зголемана поборувачка за биткоини, а што е една интересна информација, дека овој месец, октомври, има очекување за нови 15 до 20 ЕТФ фондови, на кои ќе им биде главно влажувањето во биткоини.“ , вели Сашо Дракуловски.
Дракуловски посочи и дека берзанските индекси во светот, пред се на Њујоршката берза се на рекордни нивоа, поради рекордни приливи во фондовите што купуваат акции и бумот со вештачката интелегенција кој говлече ИТ секторот. Сепак, предупредува на можна корекција и советува внимателност, бидејќи растот не е во потполност покриен со фундаментални економски показатели.