Сведокот Ламбе Бучков, пријател на Љупчо Палевски – Палчо, во своето сведочење изнесе детали за разговорите со првообвинетиот, неговите наредби до соработниците и сомнителни активности поврзани со истрагата.
Бучков рече дека Палевски му се јавил од Турција и му кажал дека таму е по работа. А претходно се чуле и кога бил во Белград. Му кажал дека го барала полицијата во партијата и оти сакала некое возило да одземе.
Тој му рекол и дека сакал да се врати од Белград, но дека имал договорено состаноци во Бугарија и во Турција.
„Палевски ми кажа дека му рекол на Влатко Кекишев да им даде на инспекторите сè што ќе побараат, вклучително и возилото. За пикапот ми рече дека полицијата го бара оти било видено на местото каде што исчезнало некое девојче. Не препрашав за кое девојче се работи,“ изјави Бучков.
Бучков кажа дека Палевски му должи 16.000 евра и до денеска не му ги вратил.
„Сме си позајмувале пари, а сè уште 15 илјади евра ми должи,“ рече тој. Освен тоа, сведочеше дека Палчо му зборувал за поседување оружје.
„Ми кажувал дека има повеќе видови на оружје, но јас никогаш не сум го видел. Само знам дека има,“ додаде Бучков.
Бучков нагласи дека по објавувањето на случајот, доброволно се јавил во полиција.
„Јас се јавив во полиција и ги известив дека, доколку ги интересира нешто, можам да им го донесам Палчо. Но, никој од полицијата не ми се јави,“ објасни сведокот.
Своето сведочење го заврши со тврдението дека е под постојан надзор. „Шест месеци мене некој ме следи и ме прати, дури и по базни станици,“ изјави тој.