Блерим Беџети за кривичната пријава: „Одлуките се во согласност со Законот“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пред неколку дена МВР поднесе кривична пријава против Блерим Беџети за сомнежи дека како поранешен градоначалник овозможил на фирма од Сарај незаконска финансиска корист од 42,8 милиони денари, со тоа што двапати донел одлука за режим на сообраќај без соодветен надзор и без проверка дали барањата се во согласност со Урбанистичкиот план на селото Глумово.

На прес-конференција, Беџети ги негираше обвинувањата, велејќи дека според законот надлежна за ова прашање е Општина Сарај и дека постои официјален документ потпишан од тогашниот министер Благој Бочварски, кој тоа го потврдува. Тој рече дека првично барањето отишло до Град Скопје, но оваа институција го препратила до Министерството за транспорт и врски.

-Потоа и министерството со официјално писмо констатираше дека надлежен орган е Општина Сарај и за тоа, како што ви покажав, има и документ. По тоа предметот е проследен во Општина Сарај. Општина Сарај во согласност со постапката го испрати проектот во СВР Скопје, од СВР Скопје е дадена позитивна согласност од МВР, вели пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети.

Беџети ја смета кривичната пријава за политички притисок, коментирајќи ја изјавата на премиерот Мицкоски дека има чувство оти наскоро високи функционери од претходната влада ќе бидат опфатени со кривични постапки.

-Кога една пријава се најавува со чувства, бидејќи премиерот го имаме со претходни чувства од политиката, а потоа се реализира од институциите, тогаш немаме работа со правда, туку со притисоци. Затоа ќе поднесам чиста кривична пријава за злоупотреба на службена должност од страна на Панче Тошковски, вели пратеникот на ДУИ, Блерим Беџети.

Од ВЛЕН реагираа дека Демократската унија за интеграција повеќе не го брани народот, туку исклучиво ги брани криминалците што му се допаѓаат на Али Ахмети.

-Мала Речица е во состојба на клиничка паника, бидејќи Демократската унија за интеграција повеќе не го брани народот, туку исклучиво ги брани криминалците што му се допаѓаат на Али Ахмети. Додека институциите конечно го расплеткуваат долгогодишниот криминален јазол, оваа партија се враќа на својата единствена фабрикувана конфигурација, ширење лажни вести и глумење политичка жртва, велат од ВЛЕН.

И претходно имаше кривична пријава против Блерим Беџети и седум други лица за злоупотреба на службена должност во Општина Сарај од страна на Управата за финансиска полиција.