Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска остро ја осуди „репресијата“ во Грузија „на оние кои повикуваат земјата да остане на патот на блиските врски со Европа“.
Блинкен на состанокот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Малта рече дека особено ги осудува нападите и апсењата на новинарите.
„Го поддржуваме правото на мирни протести и ја осудуваме репресијата врз оние кои повикуваат нивната земја да остане на патот на блиските врски со Европа, особено нападите и апсењата на новинари“, рече шефот на американската дипломатија.
Одлуката на владата да ги прекине преговорите со ЕУ предизвика политичка криза во земјата со 3,7 милиони жители.
Вчера полицијата во Грузија уапси еден од лидерите на опозицијата среде масовни протести.
Полицијата употреби водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите кои пукаа со огномет кон полицијата и поставија барикади на централниот булевар во Тбилиси.
Повеќе од 300 демонстранти беа приведени во последната недела, а повеќе од 100 беа повредени за кои беше потребна медицинска помош.
Критичарите ја обвинуваат владата дека му врти грб на Западот и дека е се попосветена на авторитарен и проруски курс, што владејачката партија го негира.
