Голем воен конфликт во Европа стана поверојатен поради конфликтот со Русија, тврди високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Јосеп Борел, предупредувајќи ги земјите-членки да не се потпираат на САД за да ги бранат.
Според него, САД повеќе не се подготвени „да ги заштитат сите сојузници на НАТО под никакви околности“. Ова, вели тој, ја принудува ЕУ да ги зајакне сопствените одбранбени капацитети.
Говорејќи на состанокот на Форум Европа во Брисел, Борел изјави дека „можноста за конвенционална војна со висок интензитет во Европа повеќе не е фантазија“ и дека блокот мора „да направи се за да го избегне тоа“.
Според него, иако воениот конфликт во Европа не е неизбежен и „нема да започне утре“, граѓаните треба да разберат дека „американскиот чадор што не штитеше за време на Студената војна и по неа можеби нема да биде постојано отворен“.
„Можеби, во зависност од тоа кој владее со Вашингтон, не можеме да се потпреме на американската поддршка и американскиот капацитет да не заштити“, рече тој.
Опишувајќи ја ЕУ како опкружена со „огнен круг“ и нестабилност, Борел ги повика земјите-членки да ги зголемат трошоците за одбрана.
Тој додаде дека, иако НАТО е „незаменлив“ како и секогаш, Европејците треба да почнат да градат свој „столб“ во блокот предводен од САД.
ЕУ без своја армија
Според Борел, ЕУ нема да може да формира сопствена армија во догледна иднина, бидејќи земјите-членки сè уште инсистираат на зачувување на националниот суверенитет во одбранбените прашања.
Тој потсети дека многу европски лидери ја предупредиле Европската комисија за нивното несогласување со трансферот на овластувањата во областа на одбраната на европските институции. Според него, постои огромен потенцијал за соработка на земјите-членки на полето на одбраната, но се уште постои загриженост и желба да се обезбеди, пред се, сопствен одбранбен комплекс во секоја поединечна држава.
Како позитивен пример го наведе создавањето на Европскиот фонд за мир, од кој ЕУ, меѓу другото, плаќа дел од трошоците за снабдување на Украина со оружје, како и обука на украинската армија.
Избори за Европскиот парламент и страв од Русија
Висок дипломат на ЕУ повторно ја обвини Москва дека „се обидува да ја дестабилизира Европската унија“.
Борел се осврна и на претстојните избори за Европскиот парламент, велејќи дека земјите од Унијата ќе се соочат со „дестабилизирачка активност“ на Русија, иако официјална Москва постојано ги отфрла ваквите обвинувања.
„Русија има намера да спроведе такви активности против целата Европска унија. Ова не мора да значи бомбардирање. На претстојните избори ќе видите колку дестабилизирачки активности ја загрозуваат нашата демократија“, оцени тој, пренесува РТ Балкан.
