Претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков во емисијата Бизнис21 на ТВ21 порача дека земјата мора да преземе посериозни чекори за привлекување нова работна сила и за интеграција на современи знаења и технологии во економијата.
„Работната сила во секој сектор е клучна. Мораме како земја да се отвориме, за да можеме да привлечеме нови работници, но и да воведеме нови знаења“, изјави Бошков.
Тој потенцира дека во моментов знаењето и иновациите најчесто доаѓаат од странски експерти и од развојот на вештачката интелигенција, што, според него, е можност која Македонија треба да ја искористи.
„Можеме значително да го подобриме нашиот економски систем со поголемо вклучување на дигитализацијата и технолошките решенија. Тоа е патот кон модерна, продуктивна и конкурентна економија“, додаде Бошков.