Во организација на Бошњачкиот национален совет, а под покровителство на Бошњачкиот демократски сојуз, со Свечена академија беше одбележан Денот на Бошњаците, во достоинствена атмосфера и со присуство на бројни високи гости од политичкиот, академскиот, верскиот и дипломатскиот живот.
Меѓу присутните беа и министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез, амбасадорот на Република Турција во Северна Македонија Н.Е. Фатих Улусој, академик проф. д-р Фехим Хусковиќ, Реис Ул-Улема Шаќир еф. Фетаху, како и пратеници во Парламентот на Република Северна Македонија, претставници на извршната и локалната власт, претставници на невладиниот сектор и бројни други угледни гости.
Во име на организаторите, пред присутните се обрати Џевад Хот, кој нагласи дека одбележувањето на Денот на Бошњаците не е само формалност, туку важен момент во кој заедницата ја потврдува својата историска свест, национален идентитет и културна посебност. Особено истакна дека овој датум симболизира континуитет на борбата за еднаквост, но и потребата од заедничко дејствување во зачувувањето на јазикот, верата и традицијата. „Ова не е само ден за сеќавање, туку и ден на решителност – да продолжиме по патот на заедништво и одговорност кон идните генерации“, истакна Хот.
Претседателот на Бошњачкиот демократски сојуз, Мунир Колашинац, во своето обраќање се осврна на значењето на единството меѓу бошњачката заедница. Тој нагласи дека слогата и меѓусебната поддршка се клучот за опстанок во сложените општествени и политички околности. „Без заедништво нема напредок. Треба да ги надминеме поделбите и да дејствуваме како едно – едно тело, еден глас – зашто само така можеме да постигнеме конкретни резултати за нашиот народ“, рече Колашинац, потенцирајќи дека Бошњаците во Северна Македонија имаат капацитет, знаење и волја да придонесат кон изградба на поправедно и стабилно општество.
Оваа Свечена академија беше можност уште еднаш да се потврди значењето на Денот на Бошњаците како ден на гордост, сеќавање, но и јасна порака – дека идентитетот се чува преку знаење, работа, заедништво и заемна почит.