Божиќен украс од Меланија Трамп чини 90 долари – цената предизвика лавина реакции: „Кој може да си го дозволи ова?“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првата дама на САД, Меланија Трамп, ја претстави својата нова божиќна колекција за 2026 година, но наместо празнично воодушевување, најголемо внимание привлече цената на украсите. За еден божиќен украс купувачите треба да издвојат дури 90 долари, односно околу 81 евро, што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.

Новиот украс, наречен „The Starlight Star“, е изработен од месинг и емајл, а според информациите на официјалната веб-страница, рачно се произведува во Соединетите Американски Држави и го носи потписот на Меланија Трамп.

Украсот е со димензии од приближно 9,5 на 10 сантиметри, а купувачите добиваат и дигитален колекционерски предмет.

Колекцијата „Starlight Christmas“ вклучува и украси инспирирани од познати американски знаменитости, меѓу кои Емпајер стејт билдинг, Статуата на слободата и планината Рашмор. Достапни се и украси со мотиви на американското знаме и мапата на САД, со цени од 75 до 90 долари.

Иако дел од корисниците на социјалните мрежи го пофалија изгледот на украсите, многумина сметаат дека цените се превисоки за просечното американско семејство.

„Прекрасно е, но просечниот американски работник не може да си го дозволи“, напишал еден корисник.

„Сериозно, 90 долари? Мислам дека сепак ќе прескокнам“, гласи друг коментар.

Некои од коментарите биле и иронични, па една корисничка напишала дека ваков украс ќе си купи кога ќе се омажи за некој како Доналд Трамп.

Ова не е првпат Меланија Трамп да привлече внимание со божиќните декорации. Во 2020 година во јавноста се појави аудиоснимка од разговор од 2018 година, на која таа изразува незадоволство од обврските поврзани со празничното украсување на Белата куќа.

Минатогодишното божиќно украсување на Белата куќа, пак, беше во знакот на темата „Домот е таму каде што е срцето“. Празничниот амбиент вклучуваше повеќе од 10.000 сини пеперутки, 75 венци и 51 божиќно дрвце.

И додека новата колекција на Меланија Трамп се претставува како ексклузивна празнична понуда, високите цени повторно отворија дискусија на социјалните мрежи за тоа колку ваквите украси се достапни за обичните граѓани.