Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на дводневниот „Форум за слобода“, меѓународен политички настан во организација на Унијата на млади сили во Северна Македонија и глобалната мрежа на центар-десни и конзервативни политички подмладоци. Настанот, обедини учесници, млади лидери од повеќе од 45 земји, со фокус на политичките, економските и стратешките предизвици пред младите генерации во Европа и пошироко.
Панелот посветен на енергетиката, на кој учествуваше министерката Божиновска, привлече значително внимание поради нејзиниот директен и аргументиран пристап кон енергетската политика – тема која денес е клучна за секоја модерна држава
Во своето обраќање, министерката Божиновска потенцираше дека од формирањето на Министерството во 2024 година, енергетскиот сектор минува низ најдинамичниот реформски период досега.
„Се соочивме со обврска сè да се одвива забрзано – да создадеме институција од нула, да ја стабилизираме состојбата и да воспоставиме јасна мисија. Денес можам да кажам: за првпат по долго време Северна Македонија има јасна енергетска насока, конкретни проекти и регионални партнери кои нè гледаат како сериозен играч,“ истакна министерката.
Божиновска нагласи дека енергетиката е сектор каде нема простор за импровизации.
„Или имаш податоци, стратегија, инфраструктура и партнерства — или немаш ништо. Затоа првата работа што ја направивме беше да ставиме ред: да видиме каде сме, што имаме, што ни недостига и што реално може да се реализира со темпо што го бараат модерните енергетски пазари,“ рече министерката.
