По пораките на дел од претставници од Брисел дека идејата за уставни измени со одложена примена е неприфатлива, министерот за европски прашања Орхан Муртезани вели дека за нас е прифатливо секое решение што ќе ни гарантира дека нема да има нови блокади на патот до членство во Унијата. Муртезани нагласи дека власта инсистира на дебилатерализација на понатамошниот процес и засега ќе чека стабилна политичка Влада во Бугарија.
„Иако не изгледа лесно дека ќе се стигне до формирање на нова Влада, мислам дека не се исцрпени сите можности, оти на неколку наврати ни беше кажано и знаеме дека техничка Влада од другата страна нема да се нафати ниту за, да речам, добрососедски дијалог, а камо ли за решавање на покомплексни проблеми“, изјави Орхан Муртезани, министер за европски прашања.
Според дел од експертите, многу би било тешко Европската Унија да прифати можност за уставни измени со одложена примена. Симонида Кацарска од Институтот за европски политики сепак смета дека се дискутира за да ни се дадат одредени гаранции за да продолжи процесот.
„Тешко е да го видиме тоа, особено мислам дека било какви правни гаранции во тој контекст, вероајтно говориме за некоиполитички дискусии коишто допрва ќе се материјализираат… вероајтно единствен актер што во моментов е стабилен таму е претседателот Радев, што креира дополнителни прашања, меѓутоа постои оваа дискусија во однос на тоа дека во позадина се работи со Бугарија“, изјави Симонида Кацарска, институт ЕПИ.
Според Кацарска, фокусот во моментов ќе биде ставен на напредокот на Црна Гора и Албанија кон Унијата и Македонија не е меѓу главните теми во дискусијата во Брисел.