Британскиот сој на коронавирус ја зема првата жртва во Македонија.
Имено, станува збор за 46 годишен охриѓанец, со претходни хронични заболувања, кој битката ја изгубил уште на осми јанури, а и тој како и двајцата други заразени со потврдената мутација на Ковид 19 не патувале надвор од земјата. Во неговите примероци, како и во примероците на уште еден друг пациент, кој што веќе е на домашно лекување, лабораторијата за генетика при клиниката „Жан Митрев“ информира дека пронашла ваков вирус.
„Во смисла на тоа од кога ќе се земе брис само на некои одредени случаи се прави секвенционирање на геномот на вирусот можно е да сме го имале и претходниот месец, но тогаш веќе епидемиолошката слика беше таква да бројот на случаи се намалуваше. Тоа што е можно евентуално е да оваа мутација на овој вирус е присутна во последните повеќе недели кога после падот има едно ниво израмнување на кривата но во секој случај тоа што е многу битно е дека нема влошување во смисла зголемување на бројот на случаите. Сеуште не е исклучена можноста, можно е тоа да се случи, затоа сме внимателни со препораките, мерките сите засега остануваат исти“, истакнува Венко Филипче.
Здравствените власти уверуваат дека нема простор за паника, но е знак за предупредување за граѓаните сепак да се придржуваат до превентивните мерки. Мутацијата на вирусот за прв пат беше откриена во Велика Британија кон крајот на минатата година, а според последните податоци на СЗО веќе е проширена во 70 други земји. И покрај тоа што кај нас не е пристигната ниту една количина на вакцини, министерот Филипче уверува дека имунизацијата на населението ќе започне во текот на месец февруари.
