Говорејќи со документи в раце, за кои вели дека се на преговарачите на Србија со ЕУ, премиерката Ана Брнабиќ, го искористи својот говор на Преспа форумот за дијалог за да се пожали што на Србија никогаш официјално не ѝ било побарано да го признае Косово како услов да може да ѝ се приклучи на Унијата. Алудирајќи на изјавите на германскиот канцелар Шолц и други функционери на земјите-членки, рече дека последно време се слушаат изјави дека Србија не може да биде дел од европското семејство без да го признае Косово. Доколку ова е официјално барање, тогаш би требало да се изменат преговарачките позиции меѓу ЕУ и Србија, додава Брнабиќ.
-Никаде во официјалниот став на ЕУ нема ниту еден збор во кој се споменува признавањето на Косово од Србија. Се споменува нормализацијата и кога се спомнува Косово тоа е во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН што значи дека Косово е составен дел од Србија, а Советот за безбедност на ОН Резолуцијата 1244 се однесува на територијалниот интегритет на Србија и нејзините меѓународно признати граници, вели Брнабиќ.
На панелот треба да се присуствува и косовскиот премиер, Албин Курти, но тој го откажа учеството поради настаните во Косово. Но, тука беше премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, кој запрашан за изјавата на премиерката Брнабиќ, рече дека Србија и Косово треба да изнајдат трајно решение кое не би влијаело врз земјите од регионот.
На друг панел, министерката за надворешни работи на Косово, Доника Грвала, рече дека взаемното признавање меѓу Косово и Србија треба да биде единственото решение меѓу двете земји. Истакна дека Косово покажува интерес и сериозност во преговорите со Србија и дека постојано работат на изнаоѓање решение.
-Да се биде добар сосед со сите и да се покаже интерес во сериозните преговори со соседна Србија во изнаоѓање решение кое на крај може да биде само заедничко признавање меѓу нашите две земји. Конечниот договор со Србија нема да придонесе само за нашите две земји, туку за целиот регион и Европа. Затоа, ние сме многу сериозни во изнаоѓање начини и придонесуваме во преговорите. Свесна сум дека не може да се почне со барањето за признавање, но никогаш не треба да заборавиме дека признавањето е целта. Значи, не треба да се остави за крај, туку да се постави во центар, како што рече и германскиот канцелар Шолц во Приштина минатата недела – ова е од голема важност за да имаме напредок во регионот, рече Грвала.
А еврокомесарот за проширување и добрососедство, Оливер Вархеји преку видео вклучување испрати порака дека Западен Балкан ѝ припаѓа на Европа, порачувајќи дека од Форумот за дијалог треба да се излезе со идеи за соработка меѓу земјите од Западен Балкан и надминување на проблемите.
-Важно е да се нагласи дека како што Грција и Македонија можеа да го надминат нивниот спор и да го решат со заеднички договор, очекуваме Бугарија да ги зајакне нејзините напори и да го направи истото. Убеден сум дека денешната дебата ќе понуди многу идеи како заеднички да се движиме напред, рече Вархеји
Инаку, во ексклузивно интервју за ТВ21, вчера специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, рече дека се организира средба во Брисел меѓу премиерот на Косово, Албин Курти и српскиот Претседател Александар Вучиќ. Според него, средбата се очекува да се одржи пред летните одмори. Тој додаде дека она што сега се прави е имплементација на договорите што се потпишани во минатото, адресирање на сегашните проблеми и обликување на идните односи меѓу Косово и Србија.
