Брнз за ТВ21: Има повеќе проблеми со кои Владата мора да се справи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз во ексклузивно интервју за ТВ21 посочи дека има повеќе проблеми со кои Владата мора да се справи.

„Сметам дека не постои само една пречка за напредокот, туку дека системот е отворен и ранлив на повеќе места. За да бидете успешни, мора да се нападне секое ниво на институционалните структури и на системот. Тоа значи дека е потребна комбинација на промовирање на транспарентност, да им се прикаже на граѓаните и на гласачите што всушност се случува“, вели Брнз.

Според амбасадорката, Северна Македонија има потреба од систем на одговорност.

„Ова се однесува на структурата на судството, но и на личностите кои се на одредена функција. Тие личност мора да бидат квалификувани за нивните позиции и мора да сносат одговорност за работата на тие позиции. Мора да се погрижиме системите да функционираат.  Сметам дека има повеќе проблеми со кои владата мора да се справи“, вели амбасадорката за ТВ21.

Брнз додава дека постои доста сложен план за справување со корупцијата, за реформи во судството и дека работат заедно со ЕУ и со другите меѓународни партнери за да видат каде можат најмногу да помогнат во процесот.

„За нас, еден од најитните фокуси е назначувањето на судии и обвинители од Академијата за судии и обвинители за да постои систем за такви назначувања. Ама исто така се фокусираме и на други области. На пример неделава имаме тим што спроведува виртуелно менторство со судии, еден на еден, за да видиме каде најмногу можеме да им дадеме поддршка“, додава Кејт Мари Брнз во ексклузивното интервју на ТВ21.