Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз во ексклузивно интервју на ТВ21 истакна дека руската воена инвазија против Украина е незаконско и неоправдано дејствие извршено со умисла.
„Кога сме на темата Украина, Северна Македонија е НАТО-сојузник и е силен партнер што држи чекор со ЕУ, одговорна членка на меѓународната заедница и ни се придружи на САД и на другите во осудата на дејствијата што се одвиваат во Украина во моментов, бруталната руска агресија и активната војна во Украина. Осудата беше јасно и недвосмислено потенцирана, но исто така обезбедува и поддршка за украинскиот народ, како сите нас, со обезбедување на поддршка што им е неопходна во моментов“, вели Брнз за ТВ21.
Амбасадорката вели дека мора да се осигуриме дека во даден момент некој ќе сноси одговорност за постапките на Русија.
„Од друга страна, Северна Македонија работи со нас во НАТО и билатерално, за одбрана на нашите интереси. Работиме во НАТО за да се осигуриме дека обврската по членот 5 е цврста и дека сме подготвени да се браниме од секакви понатамошни дејствија и дека сме подготвени како меѓународна заедница, да се соочиме со долгорочните последици од тоа што се случува. Повторно, ова е незаконско и неоправдано дејствие со умисла од страна на Русија против Украина“, додава Брнз за ТВ21.
