Бројот на активни случаи во Македонија надмина 3.000

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Расте бројот на новозаразени во Македонија. По долго време, вчера беа регистрирани дури осум починати, 588 новозаразени од направени 5.780 тестирања. Вкупниот број на активни случаи е 3.135.

Во Скопје бројот на активни случаи се искачи на 1053, а во Тетово 755. Следи Гостивар со 370 активни случаи, Куманово – 193, Кичево – 161, Струмица – 88, Битола – 75, Дебар – 71, Охрид и Струга со по 67 активни случаи. Во другите градови се под 50 заразени, а Богданци, Крушево, Демир Хисар, Кратово, Дојран и Неготино сè уште се без позитивен случај.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 159 269 на оздравени пациенти е 150 613, на починати 5521.

Од понеделник почнуваат новите рестриктивни мерки, кои предвидуваат во угостителските објекти кои имаат капацитет над 30 гости, да влезат само оние кои примиле барем една доза вакцина.

Министерот за економија Крешник Бектеши и директорката на Државен пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска, на вчерашната средба разговарале за спроведувањето на одлуката за превентивните препораки, времените мерки, наменските протоколи, плановите и алгоритмите за постапување за заштита од Ковид-19.

Како што информираше министерот преку неговиот фејсбук-профил, од понеделник ќе следат засилени контроли.

– Затоа вакцинирајте се, за да го чуваме здравјето, напиша Бектеши.

Со последните мерки за заштита и превенција од Ковид-19 кои Владата ги донесе се забранува секаков тип на настани и работа на угостителски објекти на затворено од 16 август и задолжителна потврда за вакцинација, најмалку со прва доза, при влез на настан или објект со повеќе од 30 присутни на отворено од 15 август.

И покрај засилениот четврти бран, од Министерството за образование и наука велат дека учебната година ќе почне на 1 септември, а досега се вакцинирани околу 60 отсто од кадарот.