Брзите кредити ги крадат граѓаните – пред изборите беше ветено дека ќе се забранат, но…

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На  речиси секој агол се отворени филијали на компании кои нудат брзи кредити во готовина. Финансиските друштва кои даваат брзи кредити ги ограбуваат џебовите на осиромашените граѓани. Можете лесно да потпишете договор, но тие пари многу тешко се враќаат поради високите камати. Пред изборите беше ветено дека оваа појава ќе се реши.

„Нашата идеја е да ги забраниме и брзите кредити, кои всушност се лихварство. Ќе им ги бришеме долговите на луѓето за брзите кредити“, вели Африм Гаши.

Ова беше една од заложбите на Коалицијата ВРЕДИ во предизборната кампања, но сепак остана само ветување.

Но, сега кога се на власт, ова прашање како да е заборавено. Лидерите на ВРЕДИ бараат трпение бидејќи според нив на ред ќе дојдат и брзите кредити. Пред неколку месеци го прашавме премиерот Христијан Мицкоски дали се работи за „легални кражби“ бидејќи каматите на отплатите се многу високи и наликува на измама.

Во Македонија има 35 финансиски друштва кои даваат брзи кредити. Според податоците објавени во Централен регистар, во 2022 година фирмите кои нудат брзи кредити оствариле вкупни приходи од 69,9 милиони евра, а во 2021 година вкупните приходи им биле 49,3 милиони евра. Во 2022 година нивната вкупна добивка изнесуваше 15,9 милиони евра, додека претходната година беше 10,9 милиони евра.

„Со измени на Законот за финансиски друштва сите трошоци што можат да се наплатат за земен таканаречен брз кредит не може да надминат 60 проценти од позајмицата. Финансиските друштва што даваат брзи кредити, за разлика од банките кои собираат туѓи депозити, вложуват свои пари и потоа ги позајмуваат, секако, за да остварат профит“, велат од МФ.

И додека се чека да се направи нешто, брзите кредити продолжуваат да цветаат во Македонија. Можете да ги најдете во секој агол на градовите, а честопати предизвикувале доста проблеми, дури и со украдени податоци. Нив ги адресираше и Народниот правобранител, кој покажа различни случаи, како на пример кога се земени пет брзи кредити на име на лице со церебрална парализа. Несер Зибери дури апелираше за зголемени контроли од Министерството за финансии.