Предлог буџетот за идната година е развоен и ќе одговори на предизвиците со енергетската криза и пандемијата со Ковид 19. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го предлогот за државната каса. Предвидено е да изнесува 4.4 милијарди евра, а се планира приходите да изнесуваат 3.8 милијарди евра. Дефицитот е проектиран на околу 540 милиони евра, што е 4.3 отсто од БДП. Министерот Бесими претстави 4 основни цели на кои ќе се насочи Буџетот.
„Предлог буџетот за 2022 година имајќи ги предвид во овој контекст има 4 основни цели. Прво продолжување на грижата за заштитата на здравјето на населението, второ – економско заздравување и забрзување на растот, три – зголемување на инвестициите и истовремено спроведување на фискална консолидација и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка на реформите во правосудството и евроатлантските интеграции“, истакна Фатмир Бесими.
Опозицијата со низа критики – Буџетот е неразвоен, нереален и нема предвидено мерки за справување со енергетската криза.
„Историски највисок, нереален, нереален со многу непродуктивни трошења. Најголемиот буџет досега дури 4.4 милијарди евра. Во овој Буџет Владата не предвидела пари за справување со последиците од енергетската криза која долго време ја игнорираше пред да стане работата посериозна. Граѓаните се оставени сами на себе. Да одиме дел по дел. Ова е буџет со висок буџетски дефицит од 4.3 проценти или 545 милиони евра кој ќе донесе рекорден јавен долг од од 65.9 проценти од БДП“, вели Бојан Стојановски.
Расправата на Буџетот ќе трае најмногу 5 дена, со што се очекува во текот на идната недела тој да биде ставен на гласање пред пратениците.
