Бугарија собрала рекордни 13 милијарди евра од даноци во 2021 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Националната агенција за приходи (НРА) на Бугарија соопшти дека во 2021 година остварила рекордни приходи.

Приходите се зголемени за 3,7 милијарди лева (1.400 милијарди евра) во однос на 11-те месеци од 2020 година, достигнувајќи 25,7 милијарди лева (13 милијарди евра) оваа година, официјално објави бугарската агенција.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Бугарската Агенција за приходи соопшти дека најголем раст има кај приходите од корпоративните даноци – над 80 отсто, главно поради промената на роковите за исплата на аконтации.

Приходите од персонален данок на доход се зголемени за близу 16 проценти, а приходите од придонеси за социјално осигурување бележат постојан раст од речиси 10 отсто во споредба со истиот период лани.

Вкупните даночни приходи од јануари до 30 ноември 2021 година изнесуваат над 14,7 милијарди лева (12,3 милијарди евра), а персоналниот данок на доход е скоро 3,9 милијарди лева (1,450 милијарди евра), над 3,1 милијарди лева (1,560 милијарди евра) корпоративниот данок и 7,5 милијарди лева ДДВ (3,6 милијарди евра).

Вкупниот износ на приходи од придонеси за социјално осигурување до крајот на ноември во Бугарија надминува 10,5 милијарди лева (5.250 милијарди евра), вклучително и над 6,2 милијарди лева (3.100 милијарди евра) за државното социјално осигурување, 2,7 милијарди лева (1,350 милијарди евра) и придонеси за здравствено осигурување и 1,5 милијарди лева (750 милиони евра) за дополнително задолжително пензиско осигурување на работниците во Бугарија.