„Бугарите во Македонија може да побараат да бидат дел од Уставот на РСМ“, рече Ковачевски

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Постојат држави како што е Република Северна Македонија каде што индивидуалните права се остаруваат колективно“, рече премиерот Димитар Ковачевски на заедничката прес конференција во Софија со премиерот на Бугарија Кирил Петков.

„Во нашиот устав освен македонскиот народ има и албански народ и другите кои ги сочинуваат другите заедници кои се дел од уставот и нормално доколку и други граѓани во државата кои што се самоопределуваат на друг начин и тие може да побараат да бидат дел од Уставот на РСМ“, изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

Тој објасни и пред бугарските медиумите дека тоа е процес кој што поминува низ уставни измени, кој што има повеќе чекори во кои се вклучени повеќе институции.

„Доколку тоа се случи, а нормално дека такво нешто се случува на патот на една држава кон ЕУ, бидејќи тогаш се отвора уставот со цел и други адаптирања се направат. Тогаш низ тој процес секако дека ќе бидат опфатени и тие прашања врз основа на барањата на граѓаните“, изјави премиерот на РСМ, Димитар Ковачевски.

Бугарскиот премиер по ова му се заблагодари на Ковачевски дека многу јасно ја опишал состојбата во врска со правата на Бугарите во Северна Македонија.

„Истовремено со ова сакам да кажам дека Министерствата за надворешни работи паралелно и покажуваат јасни резултати, нови премини, нови авио-линии, соработка во образование. Паралелно со ова да одат и политичките прашања, значи ритамот да биде динамичен. Добро е што ставивме денеска една рамка за таа работа“, изјави бугарскиот премиер Кирил Петков.

Од Софија за ТВ21, Јовица Пауноски