Бугарско МНР: Предлогот е отфрлен во февруари – Бугарија наскоро ќе достави свој предлог до Македонија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ден по изјавата на министерот Османи дека постои документ кој е прифатлив за Македонија, но дека се чека одговор од официјална Софија, од бугарското министерство за надворешни работи велат дека тој документ бил одбиен уште за време на состанокот на експертските групи во февруари. Македонските предлози за бугарската страна се неприфатливи велат од бугарското МНР и најавуваат дека наскоро Бугарија ќе испрати свој предлог

„Последната експертска средба на работните групи на министерствата за надворешни работи беше на 11 февруари. За време на средбата во месец февруари бугарската страна ги информираше претставниците на Република Северна Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат. Кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој предлог со цел приближување на ставовите“, велат од МНР Бугарија.

Побараме став од министерот Османи за ваквите тврдења од бугарското МНР и кои ќе бидат нашите следни чекори, но одговор не добивме. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и натаму бараат од Османи да излезе и да каже за каков документ се преговара. Тоа што Владата го крие тој документ дава за право да се сомневаме дека се подготвува ново предавство на штета на националните и државните интереси, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Повикуваме да го обелоденат тој таен документ и да кажат јавно што содржи тој документ. Оттука прашуваме, дали Владата на Димитар Ковачевски оди по стапките на претходникот Заев и се откажала од идентитетските обележја, тоа се историјата и јазикот за ова треба да дадат одговор денес а не да молчат и да кријат цело време и зошто тој документ е таен и што има Владата да сокрие од македонската јавност“, порача Димче Арсовски.

Деновиве министерката за надворешни работи на Бугарија Теодора Генчовска излезе со став дека нема никакви поместувања за политичките прашања меѓу Македонија и Бугарија и дека Софија останува на своите позиции. Министерот Османи вчера информираше дека има документ како основа за договор со Бугарија кој е прифатлив за македонска страна но дека се чека одговор официјална Софија.