Ова е улицата Кемал Сејфула во Чаир. Паркирани автомобили насекаде од двете страни. Велосипедската патека е блокирана, а белите линии не се гледаат никаде, поради што граѓаните се чувствуваат загрозени. Тие велат дека хаосот во овој дел се создава поради недостиг од паркинзи.
„Многу пати кога некој влегува да купи килограм домати, му го креваат автомобилот, има проблеми. Нема паркинг“.
За ваквата состојба на улицата го прашавме градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу. Тој вели дека оваа улица е под надлежност на Град Скопје, но вети дека нема да седи со скрстени раце.
„Знаете дека улицата “Кемал Сејфула“ е под надлежност на Град Скопје, значи дека за повеќе одговори треба таму да барате. Ова не значи дека сум амнестиран и дека ќе седам со скрстени раце“, посочи Висар Ганиу.
Од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска не добивме одговор дали ќе преземат нешто за решавање на овој проблем на граѓаните од овој дел на Чаир. Таа пред локалните избори ветуваше дека ќе го решат хаосот во сообраќајот и паркинг местата.