Чаир се претвори во централна точка на политичката битка на локалните избори, во албанскиот блок, каде што двајцата главни кандидати, Бујар Османи и Изет Меџити, ја нагласуваат клучната улога што ќе ја има оваа општина во определувањето на политичката насока на државата.
Кандидатот на НАИ, Бујар Османи, на едно негово обраќање пред граѓаните нагласи дека резултатот во Чаир ќе има далекусежно влијание, многу пошироко од границите на самата општина.
„Нам во Чаир ни падна тежината да ја определиме насоката на многу процеси во следните 10–20 години. Од резултатот по 15 дена во Чаир ќе зависи насоката на државата – дали ќе оди кон Европа или во некој друг правец. Од овие избори ќе зависи и нашата позиција како народ овде: дали ќе бидеме домаќини или подстанари.“, рече Османи.
Од друга страна, кандидатот на ВЛЕН, Изет Меџити, вели дека не му пречи што фокусот е ставен на Чаир и дека, според него, анкетите му одат во прилог.
„Фокусот е ставен на Чаир и тоа нам не ни пречи. Она што го гледаме во анкетите се потврдува и преку контактите и енергијата кај народот. Ние сме биле и остануваме блиску до граѓаните, бидејќи тука ја бараме и сакаме да ја добиеме политичката поддршка — за разлика од другите кои Чаир го гледаат како трамплин за лична кариера или за враќање во Владата.“, изјави Меџити.
Со јасни тонови на ривалство и стратешки пораки за иднината, трката за Чаир се очекува да биде една од најжестоките и најследените на овие локални избори.