Чаирчани останаа без греење поради празниците – Влада: Прекинот е неприфатлив, Топлана и општината да се договорат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Владата ги повика топланите и општините итно да постапат согласно нивните надлежности и да обезбедат греење за жителите на Скопје, особени за жителите на Скопје Север кои во екот на зимата останаа без греење! Од општина Чаир се правдаат дека исплатата не е извршена поради празниците и дека в понеделник ќе биде подмирен дел од долгот кон Топлана „Скопје Север“

„Исплатата не е извршена поради празниците. Следната недела ќе биде подмирен дел од долгот. Сепак, мора да истакнеме дека и да се плати целиот долг, доволно е само неколку дена да има греење поради тоа што претпријатието има проблем со зголемувањето на цената на гасот. Значи, општина Чаир не е главната причина зошто нема греење“, велат од Општина Чаир.

Од Топлана „Скопје Север“ за ТВ21 велат дека е потребно да се вклучат и надлежните институции и да се обезбеди финансиска помош, со цел топланата да продолжи со работа.

„Зголемениот трошок за набавка на природен гас од 270% а притоа донесена одлука за зголемување на цената за испорачана топлинска енергија за само 14% придонесе Скопје Север АД да се соочи со сериозни финансиски загуби во работењето. Потребно е да се вклучат сите надлежни институции и да се обезбеди финансиска помош како би можела топлана Скопје Север да продолжи со работа а корисниците да добијат греење“, додаваат од Топлана „Скопје Север“.

Од Владата не ја исклучуваат можноста за дополнителна помош, но велат дека прекинот на парното греење во сред зима е неприфатливо. Ги повикува надлежните компании и локалните власти итно да постапат согласно нивните надлежности и да обезбедат греење за сите домови.

„Владата им помага на граѓаните, општините и Градот Скопје, но кога се работи за финансиски обврски кон давателите на јавни услуги, првин се повикуваат локалните надлежни власти. Во текот на следната недела ќе ги разгледаме можностите за дополнителна помош, но едностраното укинување на договорените обврски и прекинот на греењето на штета на граѓаните и домаќинствата во зимски услови не може ниту да се оправда, ниту да се прифати“, порачуваат од Влада. 

Жителите на Скопје, главно од Скопје Север и Топанско Поле вчера се пожалија дека се без парно греење или истото е многу слабо. Од Топлана „Скопје Север“ ги повикуваат високите државни органи да им излезат пресрет, бидејќи, како што велат, не можат да се справат со новата цена на природен гас. Инаку, Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука – цената на парното греење од овој месец да биде зголемена за 14%.