Чаирчанка ќе се проширува следната година? – Ганиу: Во јануари почнува експропријацијата на околните објекти

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова го изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска пред четири месеци во врска со решавањето на хаосот на булеварот „Цветан Димов“, познат како Чаирчанка.

Прес-конференцијата што ја вети со градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, не ја реализираше.

Прашавме во Град Скопје – до каде се активностите за проширување на оваа улица, но не добивме одговор. Детали ни откри првиот човек на Чаир, Ганиу.

Тој за ТВ21 вели дека е почната процедурата за проверка на подземната инфраструктура.

„Се договоривме општина Чаир да изготви инфраструктурен проект, односно што содржи подземната инфраструктура, бидејќи ова е еден од условите за добивање дозвола за градба. Ова го правиме со компанија која го подготвува проектот и се разбира дека после проектот ќе почне спроведувањето на она што е предвидено со повикот, односно јавни набавки, избор на операторот, правење проценка за експропријација на објектите кои мора да се отстранат од линиите што ги зафаќа проширувањето на булеварот“, посочи Висар Ганиу.

Оваа процедура, според Ганиу, ќе потрае до јануари, а потоа ќе биде потпишана дозвола за проширување на улицата, со што ќе почне и отстранувањето на околните објекти.

Инаку, решение за густиот сообраќај во овој дел од градот во моментов се бетонските барикади. Тие беа поставени пред две години од страна на тогашниот градоначалник, Петре Шилегов.