„Се наоѓаме пред Основното училиште „Тодор Јанев“ во Чашка, Велес. Зад мене можете да забележите група родители Македонци кои протестираат, а освен што не им дозволуваат на нивните деца да дојдат на училиште, тие дури не им дозволуваат на вработените и директорката да влезат во училиште“, вели репортерот на ТВ21.
На овој начин утрово беа спречени директорката и наставниците од основното училиште „Тодор Јанев“ во Чашка, Велес да влезат на работното место. Тие побараа оставка од директорката Николовска.
Родителите на учениците Македонци освен што не ги носат децата на училиште, ја блокираат и работата на наставниците. Од друга страна, учениците Албанци пристигнале навреме на час, но поради тоа што наставниците не можеле да влезат во училишниот објект, по еден час си заминаа дома.
Единствениот наставник Албанец во ова училиште, Бесмир Џафери вели дека реално родителите не се против директорката туку против паралелката на албански јазик.
„Тие велат дека протестираат против директорката, но не е вистина тоа, тие протестираат против паралелката на албански јазик. Ние треба да сме на работното место, треба да бидеме внатре но гледате и сами и полицијата не реагира. Таму се 20 полицајци и ниту еден од нив не ни го отвори патот за да влеземе. Најмногу губат учениците бидејќи веќе три недели нема настава, ниту за учениците Македонци, ниту за учениците Албанци“, порача Бесмир Џафери.
Со оглед на тоа дека ова прашање доби етничка и политичка конотација, го прашавме пратеникот на СДСМ кој доаѓа од овој регион, Мухамет Кадриов, зошто останува толку индиферентен и не се обидува да ја смири ситуацијата. За ваквата создадена ситуација тој го обвинува министерот за образование, Јетон Шаќири, бидејќи му ги одзмал надлежностите на градоначалникот на општина Чашка. Според него, општината штотуку го започнала проектот за ново училиште во Бањица и таму ќе беа префрлени учениците Албанци.
„Решението е ова, прво да му се вратат надлежностите на градоначалникот, потоа ние како политичари, фактори во оваа зона, да седнеме и да најдеме решение. Една од решенијата е да седнеме со родителите од Чашка, сметам дека ќе прифатат, додека да изградиме училиште во Бањица децата таму да учат. Паралелката веќе е отворена, значи да продолжат на албански јазик додека да го направиме објектот во Бањица. Причината поради која јас бев индиферентен е поради тоа што ова прашање доби политичка конотација, не го решаваме проблемот туку правиме повеќе проблеми“, вели Мухамед Кадриов.
А министерот Јетон Шаќири, вели дека групата што протестира не може да одлучи за судбината на децата во тоа училиште. Според него, наставата е почната и ќе продолжи. Најави други мерки.
„Јас како министер сум донел одлука, се преземени мерки. Имаше денови, наставата течеше и имаше континуитет. Не значи дека нема да се преземат мерки и наскоро. Не можеме да дозволиме сечија или волјата на неколку лица кои се мал број, да одлучат за тоа кој на кој јазик ќе учи“, вели Јетон Шаќири.
Инаку, протестите пред ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка започнаа кога во ова училиште беше преземена иницијативата за да се отвори паралелка на албански јазик за шест првачиња. Родителите кои протестираат велат дека немаат ништо против учениците Албанци, но според нив тие треба да учат на македонски јазик како што предвидува статутот на училиштето. Родителите велат дека одлуката за паралелката на албански јазик е донесена без консултација со советот на родители, но во ова училиште моментално воопшто нема совет на родители. За да се прекинат протестите, родителите го бараат записникот од трудовиот инспекторат кој треба да утврди дали имало или не прекршување на Правилникот.