Чекор поблиску до отворање на мостот „Генерал Михајло Апостолски“: Се ослободува трасата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По повеќегодишното чекање, конечно се прават конкретни чекори за ставање во функција на мостот „Генерал Михајло Апостолски“. Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека започнало ослободувањето на трасата, откако е завршена експропријацијата на дел од имотите опфатени со проектот.

Истекол и рокот за иселување на семејствата чии имоти биле опфатени со завршената експропријација, со што се создадени услови за продолжување на активностите на терен и за ослободување на трасата.

„Она што со години стоеше заглавено, денес конечно се придвижува“, порача Ѓорѓиевски.

Мостот со години предизвикуваше незадоволство кај скопјани, особено поради фактот што е изграден, но не беше ставен во функција. Со неговото отворање се очекува да се воспостави директна сообраќајна врска меѓу Гази Баба и Аеродром, да се намали сообраќајниот метеж и да се скрати времето на патување низ градот.

Ѓорѓиевски потсетува дека при преземањето на градоначалничката функција ветил дека проблемот ќе биде решен во текот на неговиот мандат. Како што наведува, за помалку од една година е направен значаен чекор кон исполнување на тоа ветување.

Експропријацијата, според него, била еден од најголемите предизвици за ослободување на трасата. Паралелно продолжува постапката и за преостанатиот дел од булеварот, со цел целосно да се реализира оваа важна сообраќајна врска.

Градоначалникот упати благодарност до семејствата чии имоти биле опфатени со експропријацијата, нагласувајќи дека нивната подготвеност за постигнување договор овозможила проектот да се придвижи.

„Знам дека зад секој дом стојат години живот, спомени и длабока приврзаност. Затоа нивното разбирање, доверба и подготвеност за договор заслужуваат почит“, порача Ѓорѓиевски.

Тој најави дека активностите ќе продолжат во наредниот период, со цел мостот конечно да биде ставен во функција и да придонесе за подобро сообраќајно поврзување на Скопје.