По три дена интензивни преговори во Египет, американскиот претседател Доналд Трамп соопшти за долгоочекуваниот напредок.
„Ова значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу наскоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорена линија како прв чекор кон силен, траен и вечен мир“, вели Доналд Трамп.
Трамп разговараше и лично со дел од семејствата на заложниците.
„Што имате да му кажете на претседателот Трамп?“
„-Ви благодарам!“
„Ви благодарам многу на сите“.
„И веруваме дека ќе ја исполните мисијата сè додека секој заложник, секој 48 од заложниците, не е дома. Ви благодарам многу. Ви благодарам господине претседателе. Благословени да бидат миротворците. Бог да ја благослови Америка“.
Се очекува со оваа прва фаза Хамас да ослободи 20 заложници.
„Од самиот почеток бев јасен – нема да се смириме додека не се вратат сите наши заложници и не се постигнат сите наши цели. Преку непоколеблива решителност, моќна воена акција и големите напори на нашиот голем пријател и сојузник претседателот Трамп, стигнавме до оваа критична пресвртница.“, вели Бенјамин Нетанјахи.
Радосни семејства на заложниците се собраа на плоштадот во центарот на Тел Авив за да го прослават постигнатиот договор.
„Животу мој, твојот постар брат се враќа дома. Ова се солзи радосници, од возбуда. Жалам што Матан нè гледа сега толку возбудени, како плачеме и го чекаме“, вели Еинав Зангаукер, мајка на заложник.
Според палестинските власти, повеќе од 67.000 луѓе се убиени, а голем дел од палестинската територија е уништен од почетокот на војната во Газа на 7 октомври 2023 година. Војната започна откако исламистите предводени од Хамас го нападнаа Израел, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи 251 заложник. Се верува дека 20 од 48-те заложници што останаа во Газа се уште се живи.