Четири подментнати пожари за еден час вчера во Куманово. Меѓу 3 и 4 часот наутро запалени се три автомобили и еден дуќан. Според информациите, прв бил запален локалот на бизнисменот и општински советник во Куманово, Фитор Јакупи. Не сакаше да зборува пред камера, но само рече дека вандализмот не треба да добива политичка конотација. Според СВР Куманово, сите се запалени со шише бензин и обезбедени се снимки од други камери од движењето од една локација кон друга, каде се снимени две сомнителни лица.
„Според првичните информации од полицијата, на оваа локација каде се случило подметнувањето на пожарот вчера, била користена опрема за блокирање на безбедносните камери, кои не биле снимени во текот на вршење на вандализмот, но потоа тие почнале да снимат и поради тоа нема доказни материјали – снимки од местото на настанот“, вели репортерот на ТВ21.
Од СВР Куманово велат дека дежурните обвинители излегле на местото на настанот, локации кои беа блсику една од друга и обезбедиле материјални докази.
Во населбата каде живее обвинителот Џелал Бајрами, соседите раскажуваат како ги виделе огнените пламени. Автомобилот на обвинителот е пеплосан. На местото на настанот нема безбедносни камери.
Овој автомобил се уште стои пред куќата полуизгорен. Полицијата по завршувањето на вештачењето не земала ниту еден автомобил. Најголем ризик имаше во населба Дарданиа, каде опожарениот паркиран автомобил бил во близина на куќа при што постоела опасност да се запали и куќата каде спиеле членовите на семејството.
„Лично како семејство немаме никаков проблем со никого, на други сме им помогнале, но на никого не сме му направиле штета. Ниту на Албанци, ниту на други. Инспекторите ни рекоа дека имало и други случаи“, вели Ваид Шахини.
Дали се познавате со тие лица?
„Не, сограѓани сме, немаме силни семејни врски или партиски“.
Зам.министерот за внатрешни работи, Астрит Исени, не даде изјава за медиумите, но реагираше преку Фејсбук дека има индиции дека вчерашните настани во Куманово се поврзани со израмнување сметки од криминални групи од минатото. Телефонски, обвинителот Џелал Бајрами, рече дека не мисли дека ова е чин за некаква одмазда, бидејќи немал несогласувања со никого. Повика властите да го расчистат случајот, кој не го поврзува со последните меѓуетнички инциденти кои се случија во последно време.