На територијата на земјава до 13 часот денеска се регистрирани четири пожари на отворен простор, од кои три се активни, а еден е ставен под контрола, информира Центарот за управување со кризи.
Активни се пожарите во три општини. Во Штип, во близина на селото Лесковица, гори деградирана шума, ниски растенија и ниска вегетација.
Пожар е активен и во општина Виница, во атарот на селото Пеклани, каде што е зафатена ниска вегетација.
Во општина Дебар, пак, пожарот е регистриран во правец кон Граничниот премин со Албанија, каде што гори отпад.
Еден пожар е ставен под контрола на подрачјето на општините Македонски Брод и Сопиште. Пожарот кај селото Белица, на месноста Кајорец во општина Македонски Брод, се проширил во правец кон Јасен, на територијата на општина Сопиште. Зафатени се нискостеблеста и мешана шума.
Според ЦУК, до 13 часот нема регистрирано целосно изгаснат пожар на отворен простор.
