Во Охрид и Струга ситуацијата со Ковид-19 се смирува. Ова го покажуваат последните статистики, но и лекарите. Четвртиот бран на вирусот во Охрид помина полесно од претходниот.
Директорот на болницата Горан Балески вели дека сега со вирусот поминале полесно, за разлика од претходно, а тоа се должи на тоа што Охрид е меѓу градовите со најголем број вакцинирани граѓани.
Состојбата се смирува и во Струга. Директорот на болницата Арменд Аслани вели дека во споредба со изминатиот период кога имало по 130 прегледи на ден, сега бројката е видно намалена.
„Од аспект на вакцинацијата, 90% од хоспитализираните кај нас не се вакцинирани, а другите биле вакцинирани. Но врз основа на статистиките и анализите и со нашите експерти интернисти, инфектолози и епидемиолози, ние дојдовме до заклучок дека тие кои биле вакцинирани имале полесна клиничка слика“, истакна Арменд Арслани.
Во текот на август, во струшката болница имало над 50 хоспитализирани пациенти со Ковид-19. Во Охрид минатиот месец имало 52. Во оваа болница како што рече лекарот, имало и млади кои биле хоспитализирани. Што се однесува до смртноста, тие велат дека сите тие кои ја загубиле битката со Ковид 19 не биле вакцинирани и со потешка клиничка слика.
