Чевларството во изумирање, даноците големи – ги носат чевлите на поправка, а потоа не доаѓаат да ги земат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Чевларот Асан Канзо, уште рано наутро ја отвори својата работилница. Иако мал број граѓани носат чевли на поправка, сепак тој секој ден го отклучува својот дуќан. 

Асан уште од 18-годишна возраст почнал да се занимава со чевларство, и е еден од единствените кои го одржуваат жив овој занает.
Нема надеж дека занаетот ќе „живее “ уште долго. Вели дека никој од младите не покажува интерес.

Асан вели дека ниту неговите деца не сакале да го продолжат занаетот на својот татко, па затоа одлучиле да заминат на работа во странство.

Асан има 57 години, а веќе 40 години се занимава со овој занает. Вели дека и тој нема да издржи уште долго, бидејќи има малку работа, а даноците кон државата видно пораснале.

Бара државата да ги ослободи од данок, бидејќи како што вели, во ова кризно време тие се голем товар за занаетчиите.

Како што раскажува, порано материјалот бил евтин, а сега поскапел. Работата значително опаднала. Во работилницата на Асан имаше многу поправени чевли кои стојат со години, бидејќи луѓето што ги донеле на поправка, не се вратиле по нив.