Чучуљ од ДКСК: Се уште остануваме кадровски недоволно екипирани!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Адем Чучуљ, во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 изјави дека Комисијата се соочува со сериозни кадровски и системски ограничувања во процесот на проверка на имотната состојба и интересите на функционерите.

Чучуљ посочи дека претходно доставените документи и основи за нови вработувања не биле одобрени од Министерството за јавна администрација, поради законските ограничувања што произлегуваат од прописите за јавниот сектор, вработените во јавниот сектор и административните службеници.

„Останавме со ограничена систематизација. Пред Нова година, по укажување на Европската комисија и во извештаите на ГРЕКО, беше нагласено дека одделението, односно секторот за следење на имотната состојба и интересите, треба да се зајакне со пет извршители за подлабинска контрола. Повторно поднесовме барање до Министерството, но сè уште немаме повратен одговор“, изјави Чучуљ.

Тој нагласи дека и во случај да се одобри измена на систематизацијата, нема гаранција дека Министерството за финансии ќе даде согласност за вработување на пет нови лица.

Во однос на тековните проверки, Чучуљ информираше дека Комисијата одлучила да изврши проверка на 60 лица, бројка која е утврдена согласно постојните кадровски капацитети.

„Во идеални услови треба да ги проверуваме сите. Но со вакви ресурси се одлучивме за 60 лица“, посочи тој.

Претседателот на ДКСК истакна дека долгорочно решение е целосна дигитална поврзаност на институциите и автоматизирана размена на податоци. Во таа насока, во тек е ИПА-проект преку кој се работи на поврзување на базите на податоци со клучни институции.

„Ако имаме соодветно софтверско решение и автоматски поврзани бази, самиот софтвер ќе ја врши проверката – ќе повлекува податоци од Катастар ако некое лице купило стан, од Министерството за внатрешни работи ако купило возило, од Централниот регистар ако основало фирма. Со институциите имаме соработка, делумно сме поврзани со одредени бази“, појасни Чучуљ.

Тој додаде дека се избрани компании кои ќе работат на надградба на системот и се очекува до крајот на 2027 година Комисијата да биде целосно поврзана со пет институции, а дополнително и банките софтверски да доставуваат податоци.

„И сега добиваме податоци од банките, но се чека одреден временски период. Со целосна дигитализација процесот ќе биде побрз и поефикасен“, нагласи Чучуљ.