Да се забранат сите јавни собири, ВМРО-ДПМНЕ обвинува за ширење на паника

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за здравство Венко Филипче предложи да се забранат сите јавни собири за најмалку една недела. Ваквата мерка тој ја предлага како превенција од коронавирусот, со што ќе се забранат сите поголеми собири на луѓе без разлика дали се на отворено или затворено, како што се најавените карневали, но и на спортски настани, кои доколку се одржат би биле пред празни трибини. Во затворен простор ризикот од пренесување инфекција е поголем, меѓутоа истото важи и за отворен простор, истакна Филипче.

„Масовни јавни собири и ограничување пред се со фокус на двата карневали во Струмица и во Прилеп кои што се организирани за овие следни денови.“, рече Филипче.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека на министерот Филипче, состојбата со коронавирусот му излегува од контрола, а дека тој со предложените мерки создава паника.

„Имате ли министре евиденција колку лица влегле во државата од најзафатените подрачја со корона вирус преку граничните премини и аеродромите и зошто немате контрола на истите?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Откако Владата излезе со препораки да не се организираат собири на отворен или затворен простор поради превентивни мерки од коронавирусот претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вели дека очекува партиите да се воздржат од јавни собири.

„Се надевам дека ќе ги почитуваат препораките на Владата. Ситуацијата е таква што мора сите да внимаваме и да се однесуваме одговорно во целата ситуација. Се надевам дека ќе се однесуваат како што треба. “, рече Дерковски.

Но наспроти ваквите пораки, ДУИ веќе за утре закажа собир со граѓани на плоштадот Скендербег, а ДПА најави дека ќе одржи собир во село Студеничани.