По трагедијата во Бугарија во која животот го загубија 44 лица, многу луѓе преку социјалните мрежи изразија сочувство со болката за оваа загуба. Но имаше и такви кои користеа говор на омраза и иронија во врска со несреќата. Човекот кој предизвика најмногу реакции беше Стефан Белев, бугарски државјанин. Тој на Фејсбук напишал:
„Синоќа на автопатот „Струма“ ново огнено шоу – нова македонска скара! Првите гости се жалат дека била малку препечена, но се надеваат дека настанот наскоро ќе се повтори пак! На здравје!“
Бугарската полиција веднаш го уапсила овој 24 годишник. Следниот коментар за трагедијата беше од Васил Еребичевски кој во една од објавените вести на социјалните мрежи коментирал:
„Помалку Албанци!“
Додека Миленко Неделковски во еден статус напишал:
„Дали причина се клетвите?“
Навредливи коментари имаше и во нашава земја при вакви трагедии последниве години. Социологот Али Пајазити за ТВ21 вели дека ваквите коментари после вакви трагедии се знак на ултра екстремна патологија на национализам и балкански фашизам.
„Навредливите антиалбански коментари кои се појавија во Бугарија и кај нас во Северна Македонија во врска со трагичниот случај „Беса транс“ се показател за ултра екстремна патологија на балкански национализам и фашизам, за албанофобија која има навлезено до срж кај одредени кругови кои ја изгубиле хуманоста, чувството за емпатија, кои немаат ништо заедничко со човечноста, кои всушност не се луѓе. Ова е степен на предцивилизација, на канибали кои уживаат во страдањето на другите“, вели Али Пајазити.
ТВ21 праша во МВР дали е пријавен некој случај за говор на омраза во МВР по трагичната несреќа, но се уште немаме никаков одговор.
