Дали Бугарите кои живеат во Македонија ќе бидат внесени во Уставот. Ова е главното прашање кое се наметнува од бугарска страна за отстранување на ветото и дозволување на почеток на преговори на нашата држава со ЕУ. Иако сигналите од македонските власти се дека по ова прашање не би требало да има никаков проблем, бидејќи македонскиот устав и самата држава признава други малцинста и народи, сепак новиот вицепремиер за европски прашања Бојан Маричиќ избегна да одговори директно на ова прашање во емисијата Клик Плус.
-Бугарија сега го бара, експлицитно, како што го прочитав од изјавата на Радев, дека за почетокот на преговори мора да гарантираме дека Бугарите ќе бидат дел од Уставот, рече Борјан Јовановски во вчерашната емисија на ТВ21.
-Јас не би навлегол во јавно преговарање и коментирање на ставовите на бугарската влада, затоа што тој пристап, тој рецепт, не даде резултати досега. Мислам дека сите отворени прашања ќе ги имаме на маса, ќе имаме можност да дискутираме, да ги кажеме нашите аргументи, вели Маричиќ.
Но, вицепремиерот вели дека не можат да прифатат македонскиот јазик да биде услов за почеток на преговорите со Европската Унија.
Тој вели дека македонскиот јазик е впишан во личната карта на Обединетите Нации и тој валидно се користи како едно наше идентитетско одличје во повеќе меѓународни организации.
-Ние и во 1999-та година, во декларацијата потпишана меѓиу премиерите Георгиевски и Костов, и во Договорот за пријателство и добрососетство потпишан меѓу премиерите Заев и Борисов во 2017-та, ја имаме истата формулација за јазикот и истата формулација за немешање во внатрешните работи. Тоа значи дека ние билатерално можеме така да се договориме да функционира. Што било и досега пракса. Ние во никој случај не сме во позиција да прифатиме тоа да биде услов, истакна Маричиќ.
Инаку, новиот вицепремиер изјави дека се надева дека пакетот Албанија-Северна Македонија нема да биде раздвоен, како што тоа го порача бугарскиот претседател Радев, но и премиерот на Албанија Еди Рама, доколку за шест месеци не биде решен спорот.
