До каде ќе опфати аферата со пасошите со лажен идентитет и колку тоа може да го загрози безвизниот режим. Евроамбасадорот Дејвид Гир вели дека не сака да ја коментира истрагата но вели дека истрагата за аферата Двојник и безвизниот режим се различни прашања. .
„Нема да коментирам за истраги кои се во тек, по прашањето за продавање на пасоши. Тоа е прашање за властите, има истрага која треба да продолжи и секако како и во секој случај ако има докази кои ги поддржуваат истрагите тогаш треба да има и обвиненија и сите престапи треба да бидат изведени пред правдата. Тоа е сосем одделено од прашање за безвизниот режим кој останува на сила.“, вели Гир.
Според универзитетскиот професор аферата „Двојник“ би можела да го загрози меѓународниот углед на земјава, но додава тој, тоа ќе зависи од односот и постапувањето на државните институции, односно дали ќе соработуваат на домашно и меѓународно ниво. И Дујовски, тврди дека безвизниот режим не е доведен во прашање.
„Не може да го загрози безвизниот режим, секој што искажува вакви ставови, кажува невистини, бидејќи ние сме веќе земја членка на НАТО. Безвизниот режим е прашање кое што ние сме го затвориле во 2009 година. Не може криминал од ваков вид да влијае на процесите кои што ние пред десетина години ги имаме исполнето. Ваквите криминални активности и ваквите случаи воопшто не се поврзани со одлуката на Европската комисија за ставање на Македонија на „белата“ шенгенска листа.“, рече Дујовски.
Но, Антонио Милошоски претседател на собраниската Комисија за надворешни прашања смета дека аферата со издавање македонски пасоши со лажен идентитет на меѓународни криминалци може да има сериозни реперкусии.
„Овој безвизен режим Македонија го доби во 2010 година се заснова на принципот на високи стандарди, сериозна гранична контрола и меѓусебна доверба на државите членки на ЕУ и државите што уживаат безвизен режим. Со скандалот Мафија сметаме дека оваа доверба Македонија ја губи.“, рече Милошоски.
Дујовски укажува дека сега е важно да се следи до каде ќе оди истрагата и дали таа ќе се прошири за да се открие целата мрежа, бидејќи со објавувањето на оваа афера од опозицијата, операцијата на следење е прекината.
„Доколку е потребно таа истрага да оди и кон повисоките ешалони на власта, особено во Министерството за внатрешни работи, многу е важно тоа да биде така, доколку се приберат докази дека има и други лица кои што се вклучени во овој меѓународен криминал или во оваа меѓународна криминална група тие да бидат соодветно процесуирани, така ќе си го осветлиме образот.“, вели Дујовски.
Од Алијанса за Албанците и Алтернатива обвинуваат дека криминалните структури имаат поддршка од првите луѓе на МВР и затоа тешко оди справувањето со криминалот и корупцијата во земјава.
„Алијанса за Албанците и Алтернатива апелира до меѓународниот фактор, ЕУ, НАТО и САД да извршат притисок врз владините структури борбата против криминалот и корупцијата и недозволената трговија со наркотични средства да започне од главните во полицијата, обвинителството и судството, бидејќи поддршката и заштитата на бандите доаѓаат токму од одредени лица од сегашната Влада.“, рече Бујари Абази од АА/Алтернатива.
Како еден од оние кои се посочуваа дека има македонски лажен пасош со украден идентитет е и турскиот граѓанин Седат Пекер. Турската полиција денеска спроведе операција против членови на организирана криминална група за кој се тврди дека токму тој е негов водач. Полицијата извршиле претрес на 121 адреса со налози за приведување на 63 лица меѓу кои е и Пекер.
