Русија во вторникот соопшти дека дел од единиците кои учествуваат во воените вежби ќе почнат да се враќаат во своите бази, оставјаќи трошка надеж дека Кремљ можеби не планира неодложна инвазија на Украина.
Но, нема детали колку војници се повлекуваат.
„Единиците на западниот и јужниот воен округ кои ги завршија своите мисии веќе почнаа да се качуваат во возови и транспортни возила и денеска ќе почнат да се враќаат назад во своите гарнизони“, вели Игор Конашенков – портпарол на руското Министерство за одбрана.
Руското министерството за одбрана во вторникот објави снимка на која се гледаат војниците во движење, но не ја прецизираше точната локација и не е јасно дали видеото е снимено во Русија или Белорусија.
Украинските власти се уште не веруваат дека Русија навистина се повлекува.
„Русија постојано дава различни изјави, затоа го имаме правилото: нема да веруваме кога ќе слушнеме, ќе веруваме кога ќе видиме. Кога ќе видиме како војниците се повлекуваат, ќе веруваме во деескалација“, вели Дмитро Кулеба од Министерството за надворешни работи на Украина.
Руските трупи учествуваат во голема вежба на сојузничкиот одговор во непосредна близина на границата на Белорусија со Украина, во услови на зголемени тензии со воената алијанса на НАТО. Русија собра повеќе од 130 илјади војници во близина на Украина, предизвикувајќи стравувања од инвазија.
И додека САД се согласија дека сè уште постои можност за дипломатски пат, Вашингтон, Лондон и другите сојузници ги задржаа своите предупредувања дека тие сили може да дојдат до Украина во секој момент.
Украинските медиуми објавија дека некои пратеници и водечки бизнисмени ја напуштиле земјата минатиот викенд, откако САД, Велика Британија и други западни земји ги советувале своите граѓани итно да ја напуштат Украина. Од друга страна, пак Си-Ен-Ен објави дека претседателот на Украина, Владимир Зеленски, добил американски разузнавачки информации дека Русија подготвува воена акција против Киев која ќе случи оваа среда.
