Дали албанскиот премиер Еди Рама би можел да се соочи со истото политичко сценарио како Александар Вучиќ во Србија? Ова прашање беше отворено во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, каде што универзитетскиот професор Александар Спасов ги анализираше протестите во Албанија, политичката состојба и сличностите во начинот на владеење на двајцата лидери.
Спасов смета дека постојат реални шанси Еди Рама да претрпи изборен пораз, дури и доколку бидат организирани предвремени избори. Сепак, нагласува дека причините за незадоволството на граѓаните во Албанија се различни од оние што ги поттикнаа протестите во Србија.
„Постојат реални шанси, меѓутоа мислам дека корените на протестите во Албанија се различни од тие во Србија“, истакна Спасов.
Според него, заедничка карактеристика на Рама и Вучиќ е стилот на политичко однесување, кој го опишува како надмен и арогантен.
„Она што е заедничко за Еди Рама и за Александар Вучиќ е веројатно тој стил на надменост и ароганција кој го прикажуваат во јавноста“, рече професорот.
Тој оцени дека ваквото однесување било поизразено кај Вучиќ, но дека и Рама во последниот период почнал да покажува слични тенденции, особено во начинот на кој ја претставува својата политичка важност на европската сцена.
Сепак, Спасов посочи и една суштинска разлика. Според неговата оценка, за време на владеењето на Еди Рама, Албанија поминала низ огромна општествена и економска трансформација.
„Еди Рама ја направи најголемата социоекономска трансформација на Албанија од нејзиното основање во 1912 година. Кога дојде на власт, Албанија беше едно општество, една економија и една држава. Денеска е сосема поинаква“, истакна Спасов.
Професорот нагласи дека, иако протестите во Албанија продолжуваат и се засилуваат, засега е неизвесно дали тие ќе доведат до промена на власта.
Според неговата анализа, политичката иднина на Рама ќе зависи од повеќе фактори, а незадоволството на граѓаните и резултатите од неговото долгогодишно владеење ќе имаат значајна улога во понатамошниот развој на политичките случувања во Албанија.
