Дали Гордана Јанкулоска добила фер судење? Судот во Стразбур бара дообјаснувања за случајот „Тенк“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европскиот суд за човекови права во Стразбур отвори постапка по жалбата на поранешната министерка Гордана Јанкулоска за случајот „Тенк“, односно набавката на блиндираниот мерцедес од 600.000 евра. Судот ќе оценува дали постојат сериозни индиции за прекршување на правото на фер судење. Веста ја соопшти поранешната министерка за внатрешни работи на социјалните мрежи. Напиша дека иако поминале 5 години од жалбата до Стразбур, а таа издржала неправедна драконска казна и штетата која ја претрепела не може да се надомести, ова за неа е „мала лична сатисфакција“.

„Можеби конечно оние со 2% доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните прав. Госпоѓата која денес е на столбот на срамот, а која за своите злодела беше од страна на претходната власт дебело наградена со висока функција е пример дека судиската тога не е панцир што штити од општествен прекор. Се надевам дека конечно ќе има одговорност за сите сторени зла, но и ако тоа не се случи, немам дилема дека никој не може да му избега на судот на историјата“, напиша Јанкулоска.

Еден од клучните сегменти што го интересира судот е користењето на прислушуваните разговори како докази од Обвинителството. Дополнително, Судот ќе го анализира влијанието на судијката Добрила Кацарска – дали нејзини претходни јавни изјави можеле да создадат впечаток на предвремено определување за вината на Јанкулоска.

Премиерот Мицкоски со остра рекција. Вели мораме да се срамиме и црвенееме пред Стразбур од оние малкумина кои го контаминираат судството и Обвинителството.

„Тоа се овие судии кои што мала им е платата, сакаат двојно, тројно поголема. Партиски октроирани и заробени од страна на претходната влада. Малкумина се, ќе повторам. Конкретно овој случај видете кој го водеше. Тоа е случајот „Тенк“ и видете каде се наоѓа тој судија денес. И не престанува тој судија. Сега ги атакува пензионерите, за линеарното зголемување на пензиите. Сака тоа право да им го одземе“, изјави Мицкоски.

Јанкулоска беше осудена на четири години затвор за предметот „Тенк“, што го отвори тогашното Специјално јавно обвинителство. Судот ја прогласи за виновна за злоупотреба на службена должност и овластувања. Според обвинението, таа му помогнала на тогашниот премиер Никола Груевски, со пари на полицијата на наместен тендер да си купи „мерцедес“ од 600.000 евра за лична употреба за кога нема да биде пред новинарите и граѓаните. Ексминистерката беше ослободена од затвор во ноември 2023 година, една година пред истекот на затворската казна.