Дали ќе има онлајн настава поради „бомбите“? – Пајазити: Се случува либанизација на општеството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Деновите кога има најави за бомби, учениците и наставниците да продолжат со онлајн настава. Ова е препораката на МОН до училиштата по скоро секојдневните најави за поставени бомби во разни училишта. Од министерството не одговорија дали ќе се воведе онлајн настава.

„МОН даде препорака во деновите кога во училиштата има заканувачки дојави, по евакуирањето на наставниците и учениците, истите да се насочат кон дома од каде би се приклучиле во онлајн настава, со цел навремено остварување на целите на наставата преку совладување на предвидениот материјал. Веруваме дека сите чинители во воспитно – образовниот процес ќе ја прифатат и ќе постапат по оваа препорака, бидејќи истата има за цел задоволување на најдобрите интереси на учениците“, велат од МОН.

Додаваат дека повеќето ученици и наставници веќе имаат искуство со онлајн настава, но социологот Али Пајазити, смета дека ваквиот вид на настава е не-педагошки и површен.

„Речиси е невозможно, тоа се само празни зборови бидејќи таквата настава всушност не се спроведува. Кривата на учење се менува, всушност се не-урамнотежува  и немаме континуитет на процесот на настава и учење, па и учениците се во состојба на транс и хоас“, вели Али Пајазити.

Според Пајазит многу е деструктивно, дури и како што тој го нарекува, се случува „либанизација“ на општеството поради употребата на воени термини поради најавите за бомби. Тоа многу негативно се одразува на децата, особено кај помладите, бидејќи тие се уште ги немаат формирано основните концепти за нивниот живот и се соочуваат со негативни термини, вели Пајазити.

Од Министерството велат дека според информациите со кои располагаат, повеќето училишта веќе ги исполниле часовите кои ги изгубиле поради евакуациите.

Инаку и денеска во некои училишта не се одржуваше настава поради најавите за поставени бомби.