Дали ќе поскапи транспортот на стоките? Одговара Муратовска во „Бизнис21“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Цените на транспортот на стоки во моментов немаат реална основа за раст, оценува Билјана Муратовска од Асоцијацијата МАКАМ Транс, во гостување во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21. Според неа, транспортниот сектор е директно зависен од односот меѓу понудата и побарувачката, не само на локално или регионално, туку и на европско ниво.

Муратовска посочи дека економските кризи, намаленото индустриско производство и војната во Украина значително ги стесниле пазарите, особено во Русија, Украина и Белорусија. Како резултат на тоа, на европскиот пазар има многу поголем број слободни транспортни возила отколку количина на стока за превоз.

„И да сакаме да ги зголемиме цените, тоа во овие услови е невозможно. Се движиме кон минимумите, а клучна улога има флексибилноста и брзината на обрт, бидејќи секој ден застој значи дополнителен трошок“, истакна Муратовска.

Таа информираше дека Асоцијацијата МАКАМ Транс веќе доставила барања до Министерството за финансии за испраќање дописи до државите кои не вршат поврат на данокот на додадена вредност за македонските превозници. Како пример ја наведе Унгарија, каде, според неа, е потребен официјален допис за воспоставување принцип на реципроцитет, со оглед дека Северна Македонија не е членка на Европската Унија.

Паралелно со тоа, Муратовска најави и иницијатива професионалните возачи да се издвојат од останатите категории кои користат дневници, со цел да се утврди фиксна дневна сума, на пример 100 евра, која нема да подлежи на персонален данок на доход. Таа објасни дека дневниците на возачите се составен дел од трошоците за превоз и се вградени во цената на производите.

„Доколку државата дополнително ги оданочува овие средства или не овозможи поврат на ДДВ од другите земји, трошоците за превозниците растат. Но во услови на намалено производство и ограничени пазари, компаниите не можат да остварат поголема заработка, туку често се принудени да ја намалуваат, само за да ги покријат основните трошоци“, нагласи Муратовска.