Копањето на реката Пчиња во Г. Коњаре во моментов е прекинато, но може да започне доколку ЈП Водостопанство одлучи да го продолжи договорот на компанијата Прогрес. За ова, треба да добие дозвола од Министерството за животна средина и просторно планирање. Но, дали Министерството ќе издаде дозвола имајќи предвид дека во општина Коњаре веќе подолго време се протестира. Министерот Насер Нуредини рече дека за ова ќе се одлучува во координација со сите институции, вклучувајќи ја и општината.
„Ако има негативно мислење некоја институција, не може да се продолжи дозволата. Според информациите што ги имаме, ние во координација со Општината и ЈП Водостопанство издаваме дозвола, ако некоја од овие три институции не даде позитивно мислење, не може да се издаде дозвола.“, вели Нуредини.
Во јавноста има сомнежи дека дозволите се издаваат за уредување на речните корита како што е случајот во Г. Коњаре, но истите се злоупотребуваат. Вака изјави јавно пред неколку дена и претседателот на Асоцијацијата на рудари, Николајчо Николов жалејќи се за законот за минерали. Го прашавме министерот како ја коментира оваа изјава и дали министерството има започнато постапка да се истражат ваквите сомнежи? Од таму децидни, дека дозволите се издаваат за уредување на коритата , а не за вадење песок.
Инаку во Г. Коњаре работите кај реката Пчиња се во прекин од декември минатата година а компанијата Прогрес која е ангажирана од Генекс Компани во моментов го подготвува елаборатот кој треба да го достави до Водостопанство до средината на февруари. Работите кај Пчиња не се завршени и затоа компанијата Прогрес бара да се продолжи договорот за работа.
