Дали Мицкоски калкулира пред избори? – СДСМ: Неказнувањето од МВР доведе до втор бран

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одлуката на лидерот на СДСМ Зоран Заев за избори на 5. Јули е недржавничко однесување, обвини Христијан Мицкоски во вчерашното гостување во Клик Плу на ТВ21. Според напарвената симулација од страна на неговата матична партија, за тоа како би изгледал изборниот процес по претходно утврдените протоколи за избори во време на коронавирус, Мицкоски  тврдеше дека во еден час би можеле да гласаат најмногу 20 луѓе, што претставува проблем за некои избирачки места.

„Најмалку три минути се потребни по гласач. Да влезе, да биде пронајден во списокот, заокружен, потпишан, со спрејот, да отиде позади кутијата да го заокружи ливчето, да го стави во гласачката кутија, да излезе, да влезе втор. Најмалку три минути. Почесто пет, но најмалку три минути. Тоа значи дека може да гласаат најмногу дваесет луѓе во еден час“, истакна Христијан Мицкоски.

Преку соопштение се огласи и владеачката СДСМ која истакна дека во време на здравствена криза Мицкоски се грижи само за сопствените задоволства

„Мицкоски треба да се засрами од своето однесување кое е директен доказ зошто се соочуваме со втор бран, а тоа е од непочитување на мерките и неказнување од МВР. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нема никаков однос и одговорност ниту за болните, ниту за докторите. Дополнително, злоупотребувајќи ги своите инсталации во МВР, од ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да ги сокријат трагите од прекршувањата на законите“, велат од СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ синоќа истакна дека ќе се повлече од функцијата претседател на политичката партија доколку на следните избори изгуби, иако како што рече е уверен во победата. Запрашан пред неколку дена дали ќе учествува на изборите најавени за 5 јули, Мицкоски не најави бојкот, туку рече дека ќе ги употребат сите средства за да го победат Заев.