Дали Мицкоски прифатил избори на 8-ми јули?! – ВМРО-ДПМНЕ негира, но свој предлог нема

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Роковите за избори на 5-ти јули почнуваат да течат. Нема вонредна состојба, а владата ги задолжи со уредба Министерството за внатрешни работи, Државната изборна комисија и Министерството за здравство да ги почнат сите неопходни подготовки. Потврда дека избори ќе има стигна и од техничкиот премиер Оливер Спасовски кој преку социјалните мрежи порача дека датумот за изборите е завршена тема за владата.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ и натаму е против одлуката да има избори на 5-јули.

Но, лидерот на СДСМ, Зоран Заев во вчерашното издание на дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 посочи дека имал усмен договор со Христијан Мицкоски за избори на 8-ми јули. Според него опозицијата уште има време да го прифати и овој датум.

„Можеме да се договориме за избори на 8 јули, ако не е 5 јули. И тогаш јас ќе излезам и ќе кажам: „Почитувани граѓани три дена вонредна состојба ја замолувам Владата да побара заради договор со опозицијата“. Вонредна состојба со три дена продолжување, доаѓаме до 8 јули. Сега без продолжување на вонредната состојба, не, ама да кажеме дека заради четврти пакет на економски мерки бараме вонредна состојба, ќе излажеме. Не треба да се правиме резил пред граѓаните“, истакна Зоран Заев во.

Прво партијата веднаш по емисијата Клик Плус, а денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев демантираат дека имало таков договор. Вели дека не е запознаен за ваквиот договор на двајцата лидери. Запрашан дали неговата матична партија има конкретен датум за одржување на изборите, рече дека е потребно да се нормализира состојбата околу корона вирусот.

„Јас не му верувам на тој човек, а претпоставувам дека не му верувате ни вие ни целокумната јавност. Бидејки а излезе да каже нешто, а излаже, а излезе да каже нешто, по два часа си го менува ставот. Та ка што воопшто не верувам дека тоа е вистина. За да излеземе со конкретен датум, треба да имаме нормализирање на состојбата. Како да излеземе со конкретен датум, кога се што слушавме и од комисијата и министерот Филипче излезе дека е погрешно“, истакна Игор Јанушев.

Иако упорно критикуваат за датумот за изборите, сепак ВМРО-ДПМНЕ, барем во јавноста, досега нема свој предлог. Подготвени се како што велат да присуствуваат на нова лидерска средба, но не одговараат конкретно на прашањето зошто да има таква средба, доколку немаат свој предлог. ВМРО-ДПМНЕ сепак порачува дека кога и да се одражат изборите тие ќе го поразат СДСМ.