Измената на Законот за пензионирање не е воопшто издржана, се прави без дебата и преку ноќ, и е практично популизам и дефокусирање, сметаат економските експерти. Според поранешниот советник во Министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ, со ваквиот закон се ограничуваат правата на работниците, затоа што не им дава можност да работат на оние кои сакаат да работат и по 64 години, а има такви луѓе, и тие обично се подобрите работници.
„Не слушнавме никакви аргументи за променава, не слушнавме зошто се прави, што е целта, зошто е потребна, кои ќе бидат ефектите. Измената е и спротивна на мерките кои беа донесени пред 2 години за стабилизирање на пензискиот фонд. Сите знаеме дека пензискиот фонд има голем дефицит, околу 500 милиони евра, сега со оваа промена тој уште повеќе ќе се зголеми. Ние како држава веќе издвојуваме многу средства за пензии, околу 10% од БДП, што е едно од повисоките нивоа во Европа, сега ќе издвојуваме уште повеќе“, истакна Бранимир Јовановиќ.
„Ценам дека Фондот пензиски е доволно стабилен да ги издрши тие нагли пензионирања околу 10 илјади вработени наеднаш, претпоставувам дека се направени соодветни анализи за сето тоа. Мислам дека законот е добар и соодветен затоа што ќе се ослободат работни места за млади кадри“, посочи Благој Митревски.
Претседателот на Сојузот на синдикатите Дарко Димовски за тв 21 вели дека и тие имаат многу нејаснотии околу новиот закон за пензионирање.
„За кој ќе важи, имаме дилема оние што веќе потпишале за тековната година да не одат во пензија, што со тие што добиле решенија. Ние на 9.07.2020 година побаравме да се разгледаат нивните предлози, искажани преку ставовите на работниците. Под еден, бараме старосна пензија да биде по работен стаж, односно 35 години за жените, 40 години работен стаж за мажите, без оглед на возраста. Старосна пензија по возраст или работен стаж во зависност од дејноста“, посочи Дарко Димовски.
Димовски вели дека за ССМ е нејасно и според кои параметри би се исплаќала помала пензија во случај личноста да сака предвреме да се пензионира. Дали тоа би било според бројот на работниот стаж или според годините на работникот.
„Нема никаков проблем за тие што ќе одат во пензија на 64 години мажи и 62 години жени. Нема никаков товар за работата на фондот, тоа одговорно го тврдам“, порача Шаип Зенељи.
И за Конфедерацијата на слободни синдикати е прифатлив моделот за предвремено пензионирање, но предлага старосната граница за пензионирање да биде од минимум три до пет години односно од 59 до 61 година за мажи и од 57 до 59 години за жени.Eдна од првите задачи која Владата ја најави во новиот мандат е измената на Законот за пензионирање. Новиот пензиски закон предвидува задолжително пензионирање на жените на 62 и мажите на 64 години. Со законот нема да бидат опфатени медицинскиот кадар и универзитетските професори. Законот ќе важи од 1 јануари следната година и со него ќе се пензионираат над 10.000 возрасни лица. Сè уште нема информации како ќе се финансира поголемиот наплив на тазе пензионери, бидејќи буџетот на Фондот не е доволен за исплата на пензиите, па секоја година се дополнува од државниот буџет.
